Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај, изјави на прес-конференција министерот за внатрешни Наќе Чулев.
Тој истакна дека дрогата била по потекло од Колумбија, а кокаинот е пронајден во магацин за овошје на правното лице Банекс компани ДООЕЛ.
Чулев информираше дека вчера околу 9 часот на граничниот премин Ќафасан на влез во Македонија евидентирано е товарно возило марка Ивеко – влекач и приколка, управувано од Ј.К (31) државјанин на Црна Гора кој по извешувањето на сите формалности се упатил кон селото Крушопек.
– По пристигнувањето во Крушопек, од страна на полициските службеници, а по претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во магацинскиот простор при што биле затекнати лицата Ј.Е (22) инаку син на сопственикот на правното лице кој е краен примач на стоката и Р.И (51) вработено лице кое вршело истовар на робата, рече Чулев.
За време на претресот, неповикан пристигнал и С.Е (47) од Скопје, сопственик на фирмата Банекс. При претресот во магацинот и камионот во кој се превезувале бананите во еден од пакетите било пронајдено правоаголно пакувањето со непозната бела прашкаста материја – кокаин кое било облепено со зелена трака.
– При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, парични средства во износ од околу 3 илјади евра, како и товарно возило Ивеко заедно со 1190 пакети банани заедно со целокупната документација, отркива Чулев.
По претресот од слобода се лишени Ј.К – возач на камионот, С.Е сопственик на фирмата и краен примач на стоката, Ј.Е и Р.И кои биле затекнати во магацинот додека се вршел истовар на стоката. Лицата се лишени од слобода и во текот на денот ќе бидат предадени на за понатамошна постапка кај надлежен обвинител.
Првичните проверки укажуваат дека правното лице кое е увозник Бантек, претходно во 120 наврати извршил увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал дек од Еквадор.
Министерот Чулев кажа дека станува збор за меѓународна операција против криминални структури вклучени во трговија со дрога. Тој се заблагодари на МВР, ОЈО и царинската управа како и на партнерските институции кои биле вклучени во акцијата, без да наведе од кои земји се.