Бизнисменот Сеад Кочан поднел барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Труст“ што го води СЈО.
Ваквата информација за 1ТВ ја потврдија од Кривичниот суд од каде што велат дека барањето стигнало до нив и дека истото допрва треба да биде препратено до Врховниот суд.
Тој преку неговите адвокати бара и времено одложување на затворската казна. Предметот е во фаза на извршување на санкциите изречени со правосилната пресуда на Апелациониот суд. Покрај затворска предвидена е и парична казна за правното лице „Трансмет“, а која се уште не е извршена.
Од Кривичен велат дека веднаш по извршноста и комплетирање на предметот, тој заедно со списите ќе биде проследен до Врховниот суд за надлежно одлучување по изјавениот правен лек.
На Кочан за „Труст“ му е определена мерка затвор во траење од 4 години и осум месеци. Тој со лажни документи учествувал на тендер за ископување јеловина за РЕК Битола вреден 17 милиони евра.