Постапувајќи по кривични пријави доставени од страна на Државниот пазарен инспекторат против 13 правни и 13 физички лица, како одговорни лица – управители на субјектите, битолското Основното јавно обвинителство до Основниот суд поднесе предлози за казни поради сторено кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Како што информираат од обвинителството, во текот на март и април годинава тринаесетте обвинети како управители на правни лица не постапиле според Одлуката за мерки против ширење на коронавирусот донесена од Владата, со која се забранува работа на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници, односно дозволиле објектите да работат.
При контрола од државни пазарни инспектори било констатирано дека обвинетите даваат угостителски услуги.
Обвинителството до судот предложило на управителите на субјектите да им се изрече парична казна во висина од 2.000 евра во денарска противредност.
Воедно и на правните лица ќе им биде изречена парична казна во износ од по 100.000 денари.