Хроника 15. април 2018. / 15:56

Казнени мерки за малолетнички кои крвнички тепаа соученичка

Казнени мерки за малолетнички кои крвнички тепаа соученичка

Педагошки мерки за деветоодделенките кои брутално тепаа соученичка во основното училиште Гоце Делчев во Неготино, пријава во полиција и педагошки разговор со родителите на учесниците во тепачката. Ова е епилогот од случајот на крвничко тепање едно девојче од страна на две малолетнички, а сето објавено во јавноста со скандалозната снимка, објави Сител.

Ги презедовме сите мерки кои се во наша надлежност. За случајот ги известивме сите надлежни служби и пријавивме во полицијата во Неготино. Разговаравме со девојчињата кои се во деветто одделение, се вклучија наставниците, педагогот и психологот. Изречени се педагошки мерки. Две од овие ученички и во минатото имале проблеми со доброто поведение, изјави за Сител Петар Мантев, директор на ОУ Гоце Делчев во Неготино.

Згрозена од снимката е и министерката за образование Рената Дескоска. Очекува раководството на училиштето да ги преземе сите мерки за решавање на овој случај. Признава дека ова е системски проблем и дека на образованието му фали воспитната мерка. Неа ќе ја вратат со реформите во овој сектор.

– Ја предвидуваме и воспитната мерка. Во законот за основно што го направивме а ќе има сега и за средно, има мерки за зголемена едукација за родителите, кои ќе мора да знаат дека казнените мерки ќе бидат подеднакви и за учениците и за родителите, вели Рената Дескоска, министер за образование.

За скандалозната снимка со учениците на која има насилници и жртва реагираше и првата детска амбасада Меѓаши.

Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата. Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.

Според информациите од МВР, по понеделник во полицикста станица во Неготино на разговор се повикани родителите на девојчињата инволвирани во тепачката.