Поранешната обвинителка на СЈО, Катица Јанева со приватна тужба го тужи Боки 13 затоа што без нејзино знаење ја снимал и фотографирал. Досега судот уште нема преземени дејствија по приватната тужба, поднесена на 12 март годинава, рече Ирена Фрчковска, бранител на Јанева.
Според адвокатот се работи за фотографијата која беше изведена претходно како доказ, а на која се гледа како таа седи на тросед а пред неа има купче од 50 илјади евра. Адвокатите на Јанева велат дека на овој начин ќе го дискредитираат доказот со кој обвинителката вилма Русковска се обидува да докаже дека Јанева земала рекет.
Освен тужбата кон Боки-13, денеска судот прифати да се презентираат како докази и извод од сметката на Константин Делкиџаков (татко на Јанева) за да докаже дека неговото лекување во „Систина“ било платено, како и неколку документи поврзани со издавањето на времениот пасош на Орце Камчев, како што се барања, мислења од обвинителството и решенија од судот
Следното рочиште е закажено за 7 мај, кога обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 ќе треба да ја даде својата одбрана.
Во досегашниот процес за случајот „Рекет”, се презентираа разни материјални докази и сведоци.
Судењето почна во декември минатата година. На првото рочиште второобвинетитот Зоран Милевски – Кичеец ја прифати вината и доби осудителна пресуда од три години затвор. На Милевски пред неколку седмици му беше укинат и куќниот притвор.