Револтирани граѓани од Ѓорче Петров втор ден протестираат и бараат надлежните итно да го решат проблемот со улицата „Борис Сарафов“ пред училиштето „Мирче Ацев“ и да понесат одговорност за сообраќајните несреќи што се случуваат тука. Во спротивно, порачаа граѓаните кои втор ден по ред ја блокираат улицата, протестите ќе станат радикални.
Ова се случува откако вчера беше прегазено 10-годишно дете кое со тешки повреди беше пренесено во болница. Според последните информации, детето е во стабилна состојба. Очевидци за „Макфакс“ изјавија дека во возилото имало маж и жена, кои веднаш по ударот го однеле момчето во болница.
Учесниците на протестот поставија транспаренти на кои пишува: „Внимавај како возиш, можеби твоето дете ја поминува улицата!#за сите деца“, „До полицијата: Кога правите записник, слушајте ги сведоците, а не како што му одговара на злосторникот“ и „Вози, не летај. Почитувај ги знаците“.
Жителите велат дека повеќепати барале да бидат поставени светлосна сигнализација и легнати полицајци, но наишле на отпор од надлежните. Тие и вчера се заканија дека ако се случи уште еден ваков инцидент, ќе го запалат цело Ѓорче, пренесува Макфакс.