Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе кривична пријава против 40-годишен гевгеличанец за кој има сомнение дека на 9 јануари годинава со ловечка пушка ограбил електронско казино во Гевгелија, при што одзел околу 150 илјади денари. Тој се товари дека извршил и повеќе други кражби.
Како што информираат од МВР, во раните утрински часови на 22 февруари годинава во непосредна близина на сервис кај село Мрзенци, полицајци го уапсиле пријавениот и кај него биле пронајдени пари и цигари кои потекнувале од тешка кражба која ја извршил исто така тој, во маркет во село Негорци. Кај него била пронајдена и ловечката пушка.
Истиот ден врз основа на судска наредба, полицајци извршиле претрес во станот и помошните простории во кои живеел гевгеличанецот, при што биле пронајдени предмети кои потекнуваат од други кривични дела и тоа: четири кражби од продавници и три кражби во куќи, за кои дополнително ќе бидат процесуирани кривични пријави.
Во моментов, 40-годишникот се товари дека сторил кривични дела „разбојништво“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
На предлог на јавниот обвинител во Велес, од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија, на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.