Хроника 04. јули 2018. / 18:27

Газдата го натерал пибулот да дави бездомно куче и потоа се изживувал врз сиротото животно

Газдата го натерал пибулот да дави бездомно куче и потоа се изживувал врз сиротото животно

Сред бел ден сопственици на куче од расата питбул го пуштиле кучето да дави бездомно куче. Питбулот му искинал парче месо под вратот, па бездомното куче крварело и квичело. Како да било малку тоа, лицата дополнително го тепале бездомното куче и се изживувале врз него, велат од Анима мунди, здружение за заштита на животните.

Настанот се случил завчера околу 17 часот, на улица Коце Металец во Железара. Група граѓани откако го слушнале очајот на кучето жртва, направиле фотографија и повикале полиција од полициската станица во Автокоманда.

– Го побарале повреденото бездомно куче за да му укажат помош, но не успеале да го најдат. Претпоставуваат дека умрело во овие страотни маки, откако целиот врат му бил облеан во крв. Бараме помош да се дознае идентитетот на овие психопати за кои веднаш потоа ќе поднесеме кривична пријава како и пријава согласно Законот за заштита на благосостојба на животните и инсистираме најстрого да одговараат изживувањето врз бездомно животно – велат од Здружението.

Оттаму нагласуваат дека Македонија има потреба од полиција за животни или служба за превенција, евиденција или санкција на насилството на кое животните се изложени на секој чекор.

– Бараме создавање на законска можност за овластување на здруженијата за заштита на животните во служба за превенција/евиденција/санкција на насилството врз животните бидејќи до сега се востанови дека здруженијата де факто се основен носител на таа дејност во Македонија со што помагаме во откривање и надминување на насилството во национални рамки. Повеќе од очигледен е фактот дека насилството врз животните е декаден срам и обележје на Република Македонија кое за жал е видливо само за активистите и љубителите на животни – прецизни се тие.

Тие бараат да се креира Регистар на лица кои мачат и убиваат животни.