Тукушто поставениот свеж бетон на дел од улица во Кочани беше веднаш разграбан од локалните жители и ставен пред нивните влезни врати, во дворовите…
Кракот од улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало во Кочани, кој неодамна беше бетониран, моментално беше уништен, соопштија од општината.
Жители на улицата, додека бил свеж бетонот, си земале од него и го распоредувале по сопствена волја.
Очевидци го пријавиле делото кај надлежните служби, а претставници на Одделението за внатрешни работи и на компанијата изведувач веќе биле на увид.
– И покрај сите заложби да обезбедиме пристојна инфраструктура, неодговорни граѓани го уништуваат направеното. Навистина жалиме што со вакви пречки во реализацијата на проектите често се соочуваме. Уништувањето на патната инфраструктура значи уништување на јавното добро и е казниво со закон – изјави тогаш Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Општина Кочани преку шемата за мали грантови финансирана од Европска Унија и Советот на Европа – РОМАКТЕД програмата „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“, обезбеди грант за реализација на проектот Реконструкција на два крака на улицата „Стамен Манов“, со кој е предвидено бетонирање на два крака коишто ги поврзуваат улицата „Стамен Манов“ со м.в. Колерски гробишта, во вкупна должина од 255 м и ширина од 3,5 м.
За имплементација на овој проект се потпиша договор помеѓу Советот на Европа и Општина Кочани, а Советот на Општина Кочани донесе одлука за сопствено учество – кофинансирање на проектот.