Јавните претпријатија „Водовод“ и „Чистота и зеленило“ до доцните вечерни часови се бореа со последиците од невремето кое вчера попладне го зафати Куманово и за два часа направи потоп, пренесе порталот КумановскиМуабети.
Освен голем број поплавени приватни објекти, непроодни поради големи количини вода беа и повеќе улици, некои од нив се оштетени, а на одредени места имаше и појава на свлечишта.
Од јавното претпријатие „Водовод“ информираат дека интервенирале на улиците „Вараждинска“, „Лесковачка“, „АВНОЈ“, „Скопска“, „В.С.Бато“, „Франц Розман“, каде испумпувале вода, но и ги отворале шахтите за побрза апсорбција на надојдената вода.
Како што информираше директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски, повеќе екипи и во текот на денешниот ден ќе бидат на терен и се подготвени за дополнителни интервенции доколку дојде потреба за тоа.
– Во текот на вчерашниот ден по завршување на невремето имаше поголем број на наноси од песок и земја и тоа на повеќе локации долж „Октомвриска револуција“ „Трета МУБ“, на почеток на улицата „Бајрам Шабани“ каде реагираа екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ и наносите беа отстранети. Имаше наноси и на повеќе крстосници кои исто така беа исчистени во текот на ноќта. – изјави Стојчевски.