Пред три дена во ископот Суводол во РЕК Битола, се случи тежок инцидент. Економски Лидер објави дека избувнал пожар на претоварена трака за јаловина и според неофицијални проценки предизвикана е штета од неколку стотици илјади евра.
Лидер денеска објавува и снимка од пожарот.
Инаку причините за пожрот сеуште не се соопштуваат, но според информациите на Лидер дежурен на траката бил работник кој неодамна бил примен во РЕК Битола.
Од РЕК пак велат дека благодарение на брзата реакција на вработените, системот истиот ден бил пуштен во работа. Од таму нагласуваат дека материјална штета по АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола во никој случај нема да биде предизвикана, бидејќи траката била осигурана.
– Во сложениот систем на производство во РЕК Битола, вклучени се работници со подолг работен стаж и во многу мал дел новопримени лица. Во тек е постапка за утврдување на евентуален пропуст во работењето, по што ќе бидат преземени сите законски мерки доколку одговорност биде утврдена. Во моментов не бил сакале да прејудицираме, меѓутоа долгогодишниот застој во набавка на нова опрема и ревитализирање на системите, на крајот го зема својот данок. Комбинатот ги вложува сите свои сили целосно да ги санира последиците од минатото, за што потврда се производствените резултати од првите пет месеци годинава. – пишува во соопштението од РЕК.
Извори од РЕК за Лидер го потврдија инцидентот и кажаа дека на екипите им требало неколку часа за да го локализираат и изгаснат пожарот, а голем дел од раководството во тие часови наместо на лице место, било ангажирано околу изборните собранија на СДСМ во Битола и Новаци.