Еден од обвинетие во случајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ, денеска за време на рочиштето избега од судот.
Откако обвинителката Фатиме Фетаи побарала притвор за двајца од обвинетите во случајот, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, бидејќи како што рече кривичната постапка е при крај, наместо да биде задржан, Исмаиловиќ станал сред судење, без барање за тоалет и слично, заминал без никој да го спречи, по што му се губи трага.
Како што екслузивно дознава Лидер, во моментов полицијата трага по него.
Исмаиловиќ е еден од обвинетите за петкратното убиство што во 2012 година беше извршено кај Смиљковското Езеро. Неговиот брат Африм Исмаиловиќ исто така е еден од обвинетите, но тој заедно со Алил Демири, непосредно по петкратното убиство избегаа во Косово.
Освен за Исмаиловиќ, Фетаи побара притвор и за Фејзи Азири, а мерки на претпазливост за Хаки Азири, односно наместо како досега два пати неделно да се пријавува во суд, тоа да го прави секој ден.