На 17.01.2020 во 10.55 часот во СВР Скопје, 26-годишна жена од Скопје, вработена во банка, пријавила дека во експозитура на банката на ул.„Исаија Мажовски“ во Скопје три лица со закана со оружје над вработените одзеле пари, информира МВР.
Исто така, 60-годишен маж од Скопје пријавил дека на висечкиот мост кај стадионот „Ѓорче Петров“ и селото Лака, забележал три вооружени лица, а во нивна близина опожарено возило, по што лицата со друго возило се упатиле кон селото Крушопек, се наведува во соопштението на МВР.
Од полициски службеници, како што велат оттаму, е констатирано дека станува збор за патничко возило „опел вектра“, со скопски регистарски ознаки, кое било користено за претходно извршеното разбојништво.
Пожарот е изгаснат од Противпожарната единица од Скопје.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.