Хроника 19. февруари 2020. / 21:20

Детали од МВР: Запленет е тон кокаин и уапсени се неколку лица

Детали од МВР: Запленет е тон кокаин и уапсени се неколку лица

Пратка кокаин е запленета во магацин за овошје во селото Крушопек, во скопски Сарај. По насока на јавен обвинител приведени се возачите на камионот и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица, потврдуваат извори од Министерството за внатрешни работи.

Истите извори посочуваат дека мерките се преземени по насока од јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка.

Станува збор за меѓународен ланец за троговија со дрога, чија вкупна количина е 1,3 тони кокаин, а во земјава е запленета контролирана пратка од оваа дрога. Во операцијата, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција.

Според Јавното обвинителство, полициската акција во Крушопек се спроведува во координација со обвинители од Италија од регионот Калабрија.

Акцијата со претреси во Крушопек поради недозволема трговија со дрога ја потврди и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој на Фејсбук објави дека „Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности“.

По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата – напиша Чулев.