Хроника 22. мај 2020. / 11:09

Дадилката што претепа дете во игротека во „Капитол“ е осудена на 1,5 година затвор

Дадилката што претепа дете во игротека во „Капитол“ е осудена на 1,5 година затвор

Судот пресече, една и пол година затвор доби дадилката што во ноември претепа детенце во игротека на едно кафуле во трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром. Дадилката, која беше осудена и критикувана во јавноста откако се појави видеото со случајот, ја признала вината, па Кривичниот суд пресекол, објави Скопско Ехо.

Но, казната уште не е конечна оти предметот е на Апелација, па ќе се чека негова оценка за тоа дали казната можеби ќе биде променета или не. Немилиот настан се случи на 21 ноември лани, а тепањето на детето било снимано од безбедносните камери на игротеката. Подоцна кога случајот се процесуираше, обвинителството поднесе акт во кој стоеше дека “додека родителите биле на работа, негувателката повеќепати го удрила детето со шлаканици, го давела со раката држејќи го во пределот на лицето и устата и неколкупати го подигала и удирала од земја. Детето во неколку наврати се обидувало да и побегне, а од малтретирањето се здобило со телесни повреди“.

Откако тогаш излезе овој случај, се појави уште еден, по две недели. Тогаш јавноста бараше ревизија на работењето на Агенцијата што посредува меѓу лиценцирани дадилки и родителите, односно да се утврди одговорност и за оваа институција. Но, детали за исправноста во нејзината работа никогаш не слушнавме.