Осум дена притвор и одреди судија на претходна постапка на адвокатка од Куманово која е обвинета за кривично дело измама, извести денеска Јавно обвинителство.
Во обвинителниот акт пишува дека сега обвинетата била ополномоштена од клиентка да ги застапува нејзините правни интереси пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за остварување и ретроактивна исплата на семејна пензија.
-Како застапник таа ја имала информацијата дека досудените парични средства од спорот во висина од 680.634 денари се исплатени на трансакциската сметка на нејзината клиентка.
Со намера да прибави за себе поголема противправна имотна корист, адвокатката ја зела личната карта на нејзината клиентка и заедно со уште едно засега непознато лице кое физички наликувало на клиентката, се упатила во експозитурата на банката во Куманово.
Осомничената адвокатка, заедно со другото лице, преку користење на туѓи исправи и идентитет, се обиделе да извршат трансфер на парите од сметката на оштетената на трансакциската сметка на адвокатката. Во намерата не успеале поради тоа што службените лица од банката се посомневале во идентитетот на другото лице.
Потоа осомничената, во втор обид, на ист начин и со иста постапка во експозитура на банката во Скопје, користејќи туѓ идентитет и лични исправи, успеала да изврши трансфер на паричните средства.
Во меѓувреме, службениците од експозитурата во Куманово го пријавиле обидот на осомничената во јавното обвинителство и надлежните служби. По наредба од ОЈО полициска патрола ја уапсила адвокатката на граничниот премин Табановце – извести ОЈО.