Економија 10. април 2020. / 11:42

Зголемената акциза на нафта ќе го полни буџетот, но ќе го празни џебот на граѓаните

Зголемената акциза на нафта ќе го полни буџетот, но ќе го празни џебот на граѓаните

Зголемената акциза на нафта ќе го полни буџетот, но ќе го празни џебот на граѓаните кои точат гориво, за цената која ќе ја платат за такси превоз по километар, јавниот транспорт, цената на производите. Проценките на Стопанската комора на Македонија, на чии предлог е барањето за зголемување на акцизата на нафта, граѓаните ќе ги чини 46,2 милиони евра на годишно ниво или месечно би се прибирале средства поголеми за 3,8 милиони евра.

Освен по џебот на граѓаните, со оваа мерка значи намалување на заработката поради зголемените трошоци за гориво што треба да ги плаќаат сите оние кои се занимаваат со транспорт. Исто така и за приватниот сектор ова се огромни дополнителни трошоци. Покачувањата на трошоците ќе влијаат и врз малите и средните бизниси кои се борат за преживување и опстанок во ек на пандемијата со корона вирус.

Се поставува прашањето, кога се тврди дека акцизата е мала зошто не се реагираше кога цената беше повисока? Или, зошто никој не ги намали цените на производите или услугите за толку колку што поевтини бензинот?

На ваквата мерка први се спротиставија од Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс. Оттаму велат дека ваквата мерка е неприфатлива, нерационална и несолидарна. Побараа Владата да не ја прифати.

-Со оваа мерка се надминуваат сите граници на  рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се и ќе бидат намалени примањата од нето плата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат , а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали, средни трговски друштва и земјоделците, вели во пишана изјава Билјана Муратовска, генерален секретар на  Макам-транс.

Меѓу останатите предлог мерки на Стопанската комора е и акцизата за екстралесното гориво да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари. Прв ова прашање за зголемувањето на акцизата на горивата го отвори претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, а предлозите вчера ги образложи Татјана Штерјова.

-Барањето е постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари, изјави Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори.

Додека бизнис секторот најавува дека ќе и помогне на економијата погодена од корона вирусот со 1 милион евра, со предлогот на коморта за зголемување на акцизата на нафтата од граѓаните ќе се приберат 46 милиони евра.

Од регулаторната комисија за енергетика велат дека апсолутно ја поддржуваат мерката за изедначувањето на акцизата на Екстралесното гориво со дизелот. Велат на овој начин ќе се стави крај на злоупотребата на Екстралесното гориво кое понекогаш се користи како дизел гориво, а акцизата е многу ниска и на тој начин се намалуваат приходите во буџетот.

-Во однос на зголемувањето на акцизите на бензините и на дизелот ние немаме надлежност. Тоа е надлежност на Министерството за финансии, но очигледно е дека имаме драстичен пад на приходите во буџетот кои се однесуваат од акцизите и на бензините и дизелот бидејќи енормно е намалена потрошувачкаа на овие деривати, вели Марко Бислимовски од РКЕ.

Тука се поставува прашањето дали ќе се намали акцизата доколку граѓаните почнат повторно да возат? Или зошто регулаторната комисија не побара поевтинување на услуги?

Од ОКТА, најголемиот увозник на нафтени деривати во државата, велат дека генерално би поддржале мерки насочени кон намалување на потенцијалот за недозволена трговија и за зголемување на стабилноста на пазарот. Додаваат дека измената на акцизата е во рацете на носителите на политики, а тие во целост ќе ги почитуваа донесените регулативи.

И од нафетената компанијата Макпетрол велат дека се согласни со предлогот за зголемување на акцизата за нафтените деривати.

-Имајќи предвид дека цените на дериватите во последниот период се намалени за повеќе од 20 денари, како и тоа дека Северна Македонија во регионот, но и во рамки на Европската Унија има најниска акциза, а при тоа земјата е во состојба каде продажбата на нафтените деривати е драстично намалена во споредба со лани, јасно е дека тоа значително ќе ги намали и приходите во буџетот – затоа сметаме дека ваквиот предлог од комората е оправдан, велат од Макпетрол во изјава за Фактор.

Од Министерството за финансии не коментираат ништо и велат дека не добиле такво барање, но барањето добива на поддршка. Доколку власта го исполни барањето на комората, повеќе од јасно ќе се покаже дека никој не се откажува од екстра прилив на грбот на граѓаните.