Судот во Велес денес соопшти дека е правосилно одобрен планот за реорганизација на „Фени индустри“ од Кавадарци со што и официјално заврши стечајната постапка за комбинатот низ која се бараше и нов инвеститор.
Одобрен е планот на ГСОЛ, досегашниот закупец на комбинатот. Планот вторпат беше обжален на апелација од дел од доверителите.
-Апелациониот суд Скопје го потврди решението на Основниот суд Велес со кое се одобрува планот за реорганизација на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ‘Фени индустри АД Кавадарци’ – во стечај. Врз основа на наведеното, решението на Основен суд Велес за одобрување на планот за реорганизација на стечајниот должник е правосилно и претставува извршна исправа согласно со одредбите од Законот за стечај. – соопшти Основниот суд Велес.
Стечајот за „Фени“ беше отворен на крајот на 2018 година поради натрупани долгови од над 60 милиони евра, а низ стечајната постапка се бараше инвеститор што ќе ги покрие долговите и ќе понуди план за реорганизација на комбинатот без негово затворање.
ГСОЛ понуди план, ги исплати долговите и ги задржа на работа вработените кои и покрај стечајот земаа плата, а од март лани беше рестартирано и производството.