Долгогодишната соработка со Светската банка продолжува во насока на градење одржлива економија во Македонија, изјави првиот човек на Владата, Зоран Заев за време на средбата со претставници од Светска банка, потпретседателот за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и Марко Мантованели, директор на Светска Банка за Македонија.
Заев на средбата изрази задоволство од долгогодишната успешна соработка со оваа светска финансиска институција, потенцирајќи дека Владата има храброст да носи одлуки од кои веќе се чувствуваат позитивните придвижувања во македонската економија.
– Одржливоста на нашите капацитети е нешто на кое мораме сериозно да се посветиме- рече премиерот Заев на средбата.
Тој исто така нагласи дека дури и малите резултати во економското придвижување во Македонија се голем знак за напредок, но исто така, Владата е свесна за потребата од паралелно динамизирање на реформите кои ќе ги елиминираат пречките за понатамошен забрзан развој на земјата.
Првиот човек на делегацијата, Сирил Мулер, средбата ја окарактеризира како израз на поддршка за стабилната буџетска политика на Владата на Република Македонија, затоа што, како што беше речено, забележливи се плодовите и значајниот развој на потенцијалите на земјата.
Сублимирајќи ги резултатите од соработката на Светската Банка со Република Македонија, Мулер оцени дека заедничкиот труд веќе доаѓа до ниво каде многу проекти стануваат реалност. Потврдувајќи дека реформската амбиција на Владата е препознаена од светот, тој изрази очекување дека успешната соработка и во иднина ќе придонесува кон позитивните резултати во напредокот на Република Македонија.