Економија 14. септември 2020. / 11:11

Заев енормно не задолжува -економија и понатаму оди вртоглаво надоле

Заев енормно не задолжува -економија и понатаму оди вртоглаво надоле

Кризата предизвикана со пандемијата КОВИД-19 доста лошо влијаеше на македонската економија, а го погоди и македонскиот извоз, предизвика раст на трговскиот дефицит. Корона кризата и лошите мерки на власта jа турнаа економијата во вториот квартал за 12,7%. Ова е најлош резултат во независна Македонија и во четвртата деценија од самостојноста.

Владата во ек на кризата издаде еврообврзница од 800 милиони евра, зеде заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 175 милиони евра, од Светска банка во износ од 50 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра. Јавниот долг на крајот на јуни надмина 6,5 милијарди евра и достигна 59,5 отсто од Бруто домашниот производ.

Еврообврзница е државна должничка хартија од вредност којашто гласи на валута различна од валутата на земјата каде што е издадена. Во однос на самиот процес на задолжување со еврообврзница, треба да се знае дека таа е еден од начините да се финансира буџетскиот дефицит. Буџетскиот дефицит е кусокот на пари што власта решила да го троши, но за тоа не ѝ стасуваат буџетските приходи. За да ги обезбеди, позајмува на домашниот, на меѓународниот пазар или продава имот на државата.

Од тие пари иако премиерот Зоран Заев убедуваше дека економијата во Македонија ќе остане стабилна и ќе нема невработени сепак се случи спротивното. Досега во државата имаме околу 40.000 невработени лица, а според одредени информации на секој час без работа остануваат десетина лица. Од истражувањето на „Рефлектор“, а врз основа на податоци од Заводот за вработување за пет месеци велат дека од април до 24-ти август бројот на луѓе што активно бараат работа е 36,362. Или станува збор за речиси 5 месеци, скоро 40 илјади невработени или дневно околу 250 лица, а во еден час 11 лица остануваат без работа.Ваквиот тренд на долг рок нема да донесе економска стабилност, туку напротив – уште попоразителни статистики и реални проблеми во економијата.

Задолжувањата континуирано растат додека капиталните инвестиции се на очајно ниско ниво. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ како и експертската јавност континуирано предупредуваат за зголемените задолжувања и за зголемувањето на јавниот долг но власта упорно ги спроведува и повеќе од проектираните.

Економистите дури порачуваат и апелираат власта да не дава пари на непродуктивни трошоци, а фокусот да и биде на здравството, економијата и образованието.

„Да го внесе фокусот во реализација на капитални инвестиции, бидејќи само така ќе може да опстане, веќе не зборуваме за развој, туку за опстанување, за опстанок на малите, средните, па и големите фирми“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Издавањето на еврообврзницата и заемите кои државата ги зема од Меѓународните монетарни фондови нема да ни бидат доволни за надминување на кризата. Според Треневски, наесен ќе треба повторно да се задолжуваме бидејќи пари за дополнителни мерки ќе нема. Само годинава Македонија досега се задолжи за фантастични милијарда и 500 милиони евра!

„Кога почна пандемијата, започнавме со едно пониско ниво на јавен долг, сега гледаме дека значајно е зголемено нивото на јавен долг над 50 проценти што веќе нè става во ранлива категорија кога треба да размислуваме за одржливоста на нашите фискални мерки. Неопходно е да се каже продолжување на постоечките мерки или нови иновативни ќе мора да бидат преземени“, изјави Борче Треневски, универзитетски професор.

Инаку пред да дојде на власт СДСМ жестоко ги критикуваше задолжувањата и зголемувањето на јавниот долг предупредувајќи на црно сценарио за македонската економија додека сега континуирано ги спроведува и ја убедува македонската јавност дека тие се во нормала.

Премиерот Зоран Заев во последното гостување на македонската телевизија со уредниците на националните телевизии призна дека Владата планира ново задолжување на државата за покривање на долговите.

„Не планираме за четвртиот пакет мерки да се задолжуваме, но не велиме дека нема да се задолжуваме. Дел од обврзницата оди за враќање на кредити“, изјави Заев.

Власта ја задолжи државата енормно, но ефекти од задолжување граѓаните не почуствуваа.