Министерство за труд и социјална политика ќе крати од трансфери наменети за минимална плата во висина од 10.000.000 денари, како и од надоместоците за социјално незгрижените. Парите ќе бидат пренаменети согласно подготовките на планот и програмата за референдумската кампања. Се оди според Законот за референдум, изјави денеска владиниот портпарол Хоџа.
Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Според тоа што во изминативе денови го пишуваа медиумите, Референдумот околу Договорот за името ќе чини 3.5 милиони евра. Средствата за референдумот ќе бидат покриени од државниот буџет, со што ќе се кратат трошоците на сите одделни министерства.
Владата ги задолжила сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.