Економија 19. јуни 2020. / 09:32

Во првиот квартал продадени 719 новоизградени станови во Македонија, најскапи тие во Центар

Во првиот квартал продадени 719 новоизградени станови во Македонија, најскапи тие во Центар

Во првиот квартал годинава на пазарот на недвижности се регистрирани вкупно 7.158 трансакции, за 112 повеќе споредено со четвртиот квартал лани, покажуваат бројките на Заводот за статистика. Најмногу имало во февруари, 2.557, а најмалку во март и тоа 2.185. Во јануари се регистрирани 2.416 трансакции.

Во првите три месеци од годинава во Регистарот на цени и закупнини се впишани 4.043 купопродажби на недвижности, 719 продажби од инвеститор и 153 откупи од државата. Во овој квартал се регистрирани и 20 продажби на недвижности по пат на лицитација. Евидентирани се 2.223 закупи на целата територија на државата што во однос на закупите од претходниот квартал за 134 трансакции.

Според Извештајот од Регистарот, во првиот квартал годинава во државава се продадени 719 новоизградени станови што е за 162 станови помалку од четвртиот квартал во 2019 година. Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со март, на целата територија на државата има 6.432 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 390 станови.

Во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.706 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови – стои во Извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодт од  јануари до 31 март годинава.

Податоците за првиот квартал годинава покажуваат дека најскапи се становите во Општина Центар, каде просечната цена по метар квадратен изнесува 59.820 денари, по што следат Општина Карпош со 57.457 денари, Општина Аеродорм со 54.845 денари и Кисела Вода 52.859, Општина Охрид каде изнесува 42.671 денар. Во Општина Ѓорче Перов  просечната цена изнесува 41.447, а во Општина Гази Баба 38.648 денари.  Во Битола просечната цена изнесува 34.381 денар, во Струмица 32.861, Куманово 32.382, Штип 32.287, Струга 28.787. Кочани 25.376…

Во првите три месеци од годинава, најголем број продадени станови има во општина Аеродром,  каде во овој период се продадени 302 станови, а Општина Куманово е со најголем број продадени куќи, 38. Кај деловниот простор најмногу продажби се забележани на територијата на општина Карпош каде што се продадени 27 деловни простори. Во продажбата на земјоделско земјиште со 168 продажби предничи општина Чешиново и Облешево со 164 продажби,  најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Кавадарци со 44 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 13 индустриски објекти и тоа во поголем број на општини.

Според податоците на Катастарот, во Скопје под хипотека се 68.409 станови или 21,34 проценти од вкупно впишаните 320.625. Тоа се две илјади станови повеќе под хипотека споредено со крајот на минатата година  кога под хипотека биле ставени 66.599 стана или 20,87 проценти.  Втора општина по број на станови под хипотека е Неготино со 18 проценти и бројката во однос на лани останува иста, по што следат Гевгелија со 16,56, Кавадарци со 14,15 проценти.