Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски понуди план како Владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за граѓаните и бизнисот да не ја почувствуваат кризата.
Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и Странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива. Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи (тоа е околу 420 милиони евра). Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во вкупната економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата. Банките секој месец ги запишуваат во Народната Банка и ова се на еден начин замрзнати или пари како што велат економистите надвор од економијата – порача Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ објасни дека во услови кога општата ликвидност на економијата е загрозена (парите не циркулираат во економијата), овие средства во едномесечни хартии од вредност од централната банка треба да се пренасочат во државни хартии од вредност кој што ќе ги издаде државата преку министерството за финансии и затоа бараме веднаш аукција на државата за собирање на оваа ликвидност која што се цени околу 420 милиони евра.
Кога овие средства ќе ги додадеме на оние веќе 600 милиони евра коишто планираме да ги позајмиме доаѓаме до бројката од 1 милијарда, бројка која што е доволна за да граѓаните и стопанството првиот бран од кризата не го почувствуваат негативно. Овие средства од 420 милиони евра да се стават на располагање како фонд на Македонска банка за поддршка и развој за директна поддршка на приватниот сектор, особено на микро, малите и средни претпријатија за да ја надминат својата неликвидност. Ова се значајни средства – 420 милиони евра кои ќе имаат влијание врз ликвидноста во економијата – ќе се вратат во буџетот како приливи од даноци, ќе се вратат во банкарски систем преку отплата на кредити и рати од страна на приватниот сектор итн – вели Мицкоски.
Според него „часовникот не е 5 до 12, туку 12 и 5“.
Секој изгубен ден значи загубено работно место и нарушен стандард. Ова веќе не е само здравствена туку и сериозна економска криза. Апелирам на брзо делување и наместо трка по политички поени, трка по работа и делување на дело. Државата оди по работ. Мора одговорно и одлучно делување. Ова не смее да се претвори во криза во која главната цена ќе ја платат работниците, туку во битка каде ќе го заштитиме стандардот, а државата ќе донесе правилни и вистински одлуки. Апелирам на разум, апелирам на вистински одлуки, затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакам Македонија и сосема на крај купувајте македонски производи – истакнува Мицкоски.