Економија 15. октомври 2018. / 15:16

Владата и УСАИД потпишаа меморандум за соработка во областа на енергетиката

Владата и УСАИД потпишаа меморандум за соработка во областа на енергетиката

Денес, во Свечената сала на Владата, беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за економија и УСАИД, како и помеѓу Регулаторната комисија за енерегетика и УСАИД, за „Проектот за развој на регионални енергетски пазари – поддршка на реформите во секторот енергетика“.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека преку реализација на овие меморандуми, со поддршка на УСАИД, ќе се надминат предизвиците со кои се соочува Република Македонија во енергетскиот сектор.

„Република Македонија имаше обврска да ја адаптира легислативата во енергетскиот сектор во согласност со европските регулативи и директиви до 2015 година. Со техничка помош од УСАИД беше создаден текстот на Законот, а оваа поддршка продолжува и преку креирање на преку 80 подзаконски акти кои произлегуваат од Законот и кои се неопходни за целосна имплементација на овој Закон. Сите засегнати страни напорно работат во создавање на подзаконските акти и истите ќе бидат завршени во предвидената динамика, со што ќе се обезбеди заштита на потрошувачите и ќе се овозможи развојот на обновливите извори на енергија“, потенцираше Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека министерството за економија и Владата во целина, имаат одлична соработка со УСАИД, а резултат на соработката е усвојување на новиот Закон за енергетика.

„Моменатално, заедно со УСАИД и со други институции, работиме на донесување на низа на подзаконски акти, очекуваме овој процес да го заокружиме до крајот на 2018 година и веќе од наредната година граѓаните, но и компаниите да почнуваат да ги чувствуваат бенефитите од новиот Закон“, додаде Бектеши.

Амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли, истакна дека транспрентните услови и конкурентните енергетски пазари се витални за домаќинствата и развојот на индустријата и економијата.

„Сигурното снабдување со енергенси е возможно преку користење на микс на енергетски извори како што се ветер, соларна енергија, природен гас и фосилни горива. Преку реализација на овој проект, во кој соработуваат Владата, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и УСАИД, ќе се озвозможи разновидно  и конкурентно енергетско портфолио на Република Македонија, а воедно ќе се овозожи усогласување на националното енергетско законодавство со енергетските регулативи и директиви на Европската Унија. “, нагласи амбасадорот Бејли.