Владата денеска ја објави листата на компании на кои им е исплатена државна помош за минимална плата, а тие не ги уплатиле средствата на своите вработени.
Според податоците на Управата за јавни приходи, 245 фирми, не ги испочитувале дадените средства, но, уште поважно е што речиси 800 вработени, останаа без денар на сметките пред новогодишните празници. Владата ги субвенционираше нивните плати, а газдите си ги задржаа за себе, но од УЈП стигна предупредување, дека за една недела ќе им бидат блокирани сметките.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска во саботата прецизираше дека првичниот увид покажал дека имало 596 фирми кои примиле, а не исплатиле државна помош за ноември. Ним им биле исплатени 36 милиони денари за 2.400 вработени. Откако добиле опомени, повеќе од половина од нив, ги исплатиле платите. Заклучно со последниот ден од минатата година 245 газди требало, а не исплатиле 12,2 милиони денари на 782 работници. Најголем дел од фирмите кои не ги исплатиле ноемвриски плати се од Скопје – 73, а потоа е Тетово – 21 и Гостивар – 10. По дејности најмногу се од секторот трговија на мало, а потоа следуваат подготовка и служење на храна и транспорт.
Лукаревска уште еднаш потсети дека казните за несовесните сопственици се движат од 500 до 10 илјади евра, во зависност од големината на претпријатието. Субвенции за ноемвриската плата добиле 13.178 фирми со вкупно 65.960 на кои им е исплатена една милијарда денари. Субвенциите се движеле од 14.500 до 21.776 денари по вработен.