Кој има право да ги легитимира гостите кои влегуваат во кафулињата и рестораните, за да се дознае дали тие навистина се припадници на исто семејство. Дали тоа да го прават угостителите, како што е сега наложено, или такво право можат да имаат стриктно припадниците на полицијта.
Како што пишува „Фактор“, Владата денеска треба да ја расчисти оваа дилема, односно да пресече дали ќе го прифати барањето на Министерството за економија, да се преиспитаат членовите 8 и 9 од Протоколот за работ на угостителските објекти.
Во четвртокот минатата недела, министерот за економија Крешник Бектеши испратил писмо до Комисијата за заразни болести, со барање уште еднаш да се разгледа ваквиот услов, што сега им е наметнат на вработените во угостителските објекти. Од одговорот на Комисијата ќе зависи дали е можно да има промена во овие членови од Протоколот за работа на локалите.
Од Министерството за економија за „Фактор“ потврдуваат дека испратиле писмо до Комисијата со кое се бара преиспитување на овие точки, а по реакциите од угостителскиот еснаф дека тие немаат право да ги легитимираат гостите.
Министерството за економија како надлежна институција за развој на туризмот и угостителството упати писмо до Комисијата за заразни болести, со кое бара во најкраток можен рок, Комисијата за заразни болести да ги преиспита членовите 8 и 9 од Протоколите за работа на угостителските објекти, донесени на седница на Влада на ден 26.05.2020 година. До Министерство за економија, по објавување на Протоколите, се пристигнати голем број на реакции од страна на здруженија, комори и асоцијации на угостители, со забелешки дека истите не можат да постапуваат по Уредбата, од причина што согласно Законот за угостителска дејност, келнери, менаџери или управители на угостителски објекти немаат право да легитимираат граѓани, односно гости – велат од Министерството за економија.
По повторното отворање на угостителските објекти и стапувањето вом сила на протоколот, министерот за економија изјави дека право за легитимирање на гостите може да има само Полицијата.
А членовите 8 и 9 од Протоколот за работа на угостителските објекти гласат вака.
Во членот 8 се вели дека „на една маса со четири столици можат да седат и да се послужуваат максимум две лица“, додека, пак, членот 9 гласи дека „на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство“.
Токму овие членови ја создаваат најголемата забуна во смисла на тоа како да се открие кои гости се од исто семејство, а кои не се. Тоа може да се докаже само преку нивните лични документи, а угостителите не сакаат да бидат во улога на „испитувачи“ на гостите, со што би им создале непријатност уште при самата посета на угостителскиот објект.
Од Комисијата за заразни болести вчера веќе разговарале на оваа тема, а според информациите, за нив биле прифатливи барањата на Министерството за економија.
Сепак, дали и какви измени ќе бидат предложени во протоколот, треба да пресече Владата на својата денешна седница.