Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот на буџет упатија јасна порака до граѓаните дека не сакаат развој. Поважна им е личната комоција и уживањето со народни пари. Со ребалансот се крати од иднината на државата, за сметка на непродуктивни трошења, порача Светислав Васев од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него премиерот и министерката за финансии со ребалансот на буџетот скратија 52 милиони евра од ставката за капитални проекти.
– Со 52 милиони евра, можеше да се направат 50-тина градинки, 20-тина училишта, или една клиничка болница како таа во Штип која еве веќе трета година не можат да ја довршат. Но ништо од тоа нема да има, затоа што власта се реши да крати од развојни проекти. – рече Васев.
Тој додаде дека додека се крати од ставката за капитални инвестиции, се фрлаат пари на непотребни трошења.
– Имено Заев и Ангеловска решија да потрошат дополнителни 650 илјади евра на патни и дневни расходи. За власта беше поважно да даде 650 илјади евра за патни трошоци на функционерите, отколку да покрие една од десетиците операции во странство за кои гледаме како граѓаните секојдневно молат преку разни донации за нивните најблиски. – кажа Васев.
Со ребалансот на буџетот се предвидени и нови 7 милиони евра за договорни услуги, констатира Васев и додаде дека таа ставка е широка и власта може тие пари да ги троши за нови партиски вработувања, хонорарни ангажирања и други работи за кои што можат да префрлаат пари директно од државата на партијата.
– Ребалансот на буџетот е уште еден доказ зошто Зоран Заев мора да си замине. Македонија со Заев не само што стои во место, туку почна и да стагнира. Предвремени избори час поскоро за излез од безперспективноста во која не втурна како држава СДСМ. – рече Васев.