Со затворањето на Еуростандард банка засегнати се огромен број пензионери кои добиваат пензија преку користењето на услугите на банката, луѓе кои добиваат плата и бизниси кои ги користеле услугите на банката, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со пропаѓањето на банката доведени се во прашање исплатите кон 55 илјади граѓани, од кој над 35 илјади пензионери и речиси 20 илјади приматели на социјална помош. Со ова на терет на државата во услови на криза се додаваат депозити во износ од 4.4 милијарди денари или околу 70 милиони евра“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат што ќе се случи со депозитите, што ќе се случува со лицата кои имаат хипотекарен станбен кредит, кои редовно си го исплаќале, дали ќе се активираат хипотеките и ќе се продаваат преку извршители?
„Ова ќе создаде хаос во банкарскиот сектор и тоа во услови на корона криза. Проблемот треба да се гледа и посистематски, а особено ако знаеме дека во јавноста кружеа информации дека банката имала проблем уште минатата година, дали кризата влијаела и колку влијаела на пропаѓањето и, ако да, зошто ништо не е преземено од страна на државата за спас? Но, власта да одговори и дали сега се преземени сите дејствија за спасување на банката“, вели Димитриеска-Кочоска.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ова ќе ја подгрее недовербата кон банките. Прашуваат „се случува ли нов октопод и ТАТ втор дел?“