Економија 09. ноември 2018. / 15:11

(Видео) Арсовски: Европската комисија потврди дека економијата оди надоле

(Видео) Арсовски: Европската комисија потврди дека економијата оди надоле

Вчера пристигна уште една потврда од Европската комисија дека економијата секојдневно оди во надолна линија и пропаѓа, изјави на прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Европската комисија во есенскиот извештај објави ревидиран извештај каде што според нивните проекции ја намалија проценката за растот на БДП од 3.1 осто на 2.1 отсто, односно за цел 1 процент помалку. Иако релевантните институции во текот на првата половина на годината беа оптимисти дека годината ќе се заврши порастот на БДП над 3 отсто, ние бевме убедени уште тогаш и уште од почетокот на годината предупредувавме дека оваа неспособна Влада на СДСМ ќе ја дотера економијата до крах и ќе ги донесе граѓаните и компаниите на работ на егзистенцијата- рече Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека лошите економски политики, непосветеноста на реалните економски политики од страна на Владата, лошата реализација на капиталните инвестиции, како и најавата на лошите реформи за даночниот систем, се само малкуте од причините за лошите резултати на полето на економијата до сега но и оние кои што следат во наредниот период.

-Задолжувањата ги преминаа сите можни граници, а ниту еден проект не е реализиран. Република Македонија на крајот на годината ќе има убедливо најлош раст на БДП во регионот. За жал сликата ќе биде иста како и минатата година, сите земји од регионот ќе се пред нас, а ние ќе сме убедливо на дното. Од земја која беше лидер во регионот во економска политика, сега се тркаламе на дното- рече Арсовски.

Додаде дека некој мора да понесе одговорност за лошата економска ситуација во државата и побара од министерот за финансии Драган Тевдовски да поднесе оставка уште веднаш.