Економија 30. јануари 2019. / 22:25

Весникот „Заман“ се откажа од субвенциите на Владата

Весникот „Заман“ се откажа од субвенциите на Владата

Весникот „Заман“, кој во Македонија излегува на турски и на албански јазик, соопшти дека се откажува од владините субвенции по обвинувањата на турската Амбасада во Скопје дека македонската Влада субвенционира терористички весник.

– Со големо жалење ги примаме негативните реакции на турската Амбасада во Скопје, во однос на помошта што во рамките на сите печатени медиуми во Македонија ја доби и весникот Заман, кој веќе 25 години излегува во оваа држава, и тоа на два јазика, турски и албански. – соопшти реакцијата.

Претходно, Амбасадата на Турција во Скопје, писмено реагираше во врска со овој случај, при што нагласи дека остро го осудуваат тоа што весникот „Заман Македонија” добил материјална поддршка во рамките на оваа програма.

– Познато е дека Република Турција ја поддржува Република Македонија од нејзината независност на сите важни полиња. Поддршката и односот на Република Турција кон Република Македонија отсекогаш биле пријателски и добронамерни. – се вели во соопштението на турската амбасада.

– Одлуката на Владата на Македонија да се додели финансиска поддршка за весник на ФЕТО ја сметаме за скандалозна и неприфатлива. Очекуваме дека Владата на Македонија ќе ја преиспита својата одлука и ќе ги земе предвид долгогодишните пријателски односи помеѓу двете земји и двата народи. – се додава во реакцијата на Амбасадата на Турција во Скопје.

– Целосно лудило се обидите да се нанесе штета врз ЗАМАН Македонија поради обидот за воен удар во 2016 година. Тврдењата на турската влада во врска со споменатиот воен удар не се прифатени од ниту еден меѓународен и независен суд, а турската влада цело време го одбива предлогот за меѓународна истрага во врска со воениот удар. Обидот да се поврзе ЗАМАН Македонија со обидот за воен удар, е целосен доказ дека се невини илјадниците турски граѓани чии животи се уништени поради неосновани обвиненија.

Особено сме разочарани поради лажните тврдења дека македонската Влада со субвенцијата го поддржува тероризмот. Сметаме дека во оваа лага не веруваат ниту самите тие што ја изнесуваат. – стои во реакцијата на весникот Заман.

– Тргнувајќи од фактот дека кон нас се врши невидена негативна кампања, во која страдаат и недолжни, весникот Заман одлучи доброволно и неповратно да се откаже од владината помош и да ги вратиме средствата. – се вели во соопштението.

Владата на овој весник му добри субвенции во износ од 15.000 евра.