Економија 15. декември 2020. / 09:58

Угостителите предвидуваат загуба од 18 до 22 милиони евра доколку се усвојат новите мерки против Ковид-19

Угостителите предвидуваат загуба од 18 до 22 милиони евра доколку се усвојат новите мерки против Ковид-19

Откако вчера Комисијата за заразни болести предложи до Владата нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, меѓу кои и забрана за работа на рестораните и кафулињата по 18 часот, од Независната угостителска комора (НУК) посочуваат дека тоа ќе предизвика дополнителни загуби во нивната индустрија.

Од НУК додаваат дека очекуваат дека Владата на денешната седница ќе ги земе во предвид штетите и загубите и да донесат одлуки за соодветно обештетување на сите угостители на кои им е ускратена можноста за работа.

-Според нашите груби првични економски процени новата рестриктивна мерка на угостителите ќе донесе директни загуби односно штета во висина од 18-22 милиони евра во угостителската индустрија кои, доколку Владата не интервенира на време, ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат. Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците, особено во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните 2 месеци и покрај тоа што нема да можат да работат односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи, велат од Независната угостителска комора.

Вчера од Комисијата за заразни болести соопштија дека во новиот пакет рестриктивни мерки една од препораките до Владата е угостителските објекти да затвораат во 18 часот, наместо до 21 како што беше досега за периодот од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот празничен период.

-Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препорако кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти, изјави министерот Венко Филипче.