Економија 13. јуни 2020. / 10:26

Угостителите од Кавадарци ги затворија кафеаните: Штрајк против рестриктивните мерки на Владата!

Угостителите од Кавадарци ги затворија кафеаните: Штрајк против рестриктивните мерки на Владата!

Од синоќа од 19 часот во Тиквешијата не работи ниту еден угостителски објект.

Револтирани поради рестриктивните мерки кои го отежнаа и дополнително го усложнија функционирањето на угостителските објекти, како и поради неисполнетите ветувања за олеснувања на мерките и константните притисоци од инспекциските служби, угостителите од Тиквешијата кои се членови на здружението на „Тиквешки угостители“ ги затворија своите објекти на неопределно време, односно се додека не бидат повикани на состанок од надлежните институции на кој ќе се разговара за сите проблеми со кои се соочуваат тие.

Загрижени за судбината на повеќе од 800 лица, колку што вкупно вработува угостителскиот сектор во Тиквешијата, но и за иднината на своите бизниси кои се пред колапс, членовите на здружението на Тиквешки угостители пред јавноста го презентираа записникот од состанокот оддржан во петокот, 12 јуни.

Најпрво би сакале да им се извинеме на нашите сограѓани, кои се нашите најредовни и најбројни клиенти за ваквата непопуларна одлука, но ова е единствениот начин за да го изразиме нашиот револт од константниот притисок на инспекциските служби. И покрај забраната за работење од цели 9 недели, започнавме со работа со ограничен капацитет само на летни тераси, одлука за која не бевме претходно информирани. Исто така, ветувањето за премин од втора во трета фаза досега не е реализирано – изјави Дане Белевски, претседател на здружението „Тиквешки угостители“.

Потенцирајќи дека зад протесот нема никаква политичка позадина, Белевски во својата изјава за медиумите рече дека угостителските објекти во целата Тиквешија ќе бидат затворени се додека надлежните не покажат интерес за нивниот проблем.

Очекуваме во рок од 24 часа да бидеме повикани од надлежните институции да разговараме за олабавување на мерките и повторно отворање на објектите, но со нови, издржани протоколи за заштита. Се до надминување на овие проблеми објектите ќе останат затворени – нагласи Белевски.

Поддршка за тиквешките угостители пристигнува од речиси сите делови на Македонија, и од страна на здруженијата на угостители, сопственици на угостителски објекти, но и од здруженијата на вработени во угостителскиот сектор кои секојдневно ја делат истата судбина со своите колеги од Тиквешијата.