Земјоделецот од Општина Арачиново, Зејнула Сулејмани две години чека институциите да кажат зошто не добил субвенции. За ова, тој наводно му се пожалил на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Образложувајќи го случајот на Сулејмани, Трипуновски денеска даде изјава за медиумите пред Платежната агенција, при што повтори дека до 12 април, кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, постојано ќе биде меѓу земјоделците и ќе помага да се решаваат нивните проблеми.
– Денеска сум во Платежната агенција на барање на еден земјоделец кој дојде до мене во Министерството и побара помош. Се работи за предмет што од 2018 година тапка во место, а загрижениот земјоделец е Зејнула Сулејмани кој две години го чека одговорот за своите редовно заслужени субвенции. Јас во разговор со него одлучив директно да дојдам во Платежната агенција и да се информирам лично од прва рака за целата ситуација, односно зошто на овој човек не му се исплаќаат субвенциите, рече Трипуновски.
Дополнителниот заменик-министер го лоцираше проблемот во менаџерскиот тим на Агенцијата иако во неа, како што истакна, работат многу вредни и чесни луѓе.
– Ова е само еден доказ дека она што го зборуваме изминатите години дека имаме некомпетентни луѓе на работни позиции во институциите доаѓа на дело. Ова е еден доказ дека институциите работат споро по налог на овие менаџери. Овој човек си ги чека редовно заслужените субвенции, чека одговор, дури и да му се каже дека не му следуваат со објаснети причини, па понатаму нека ги бара во судските инстанции да види дали навистина е во право или можеби институцијата е крива, напомена Трипуновски.