Економија 18. мај 2020. / 13:17

Третиот сет мерки ќе почнат да се имплементираат од јуни, најави Царовска

Третиот сет мерки ќе почнат да се имплементираат од јуни, најави Царовска

Новите мерки од третиот сет ќе почнат да се имплементираат од јуни, најави денеска вицепремиерката, Мила Царовска, појаснувајќи дека првите два сета мерки беа наменети за задржување на работните места, а третиот пакет треба да ги поттурне компаниите кон развој, со цел во 2021 да имаме поблаги ефекти.

– Првите два пакета даваат одлични ефекти. Во однос на компаниите за финансиска поддршка, 16.546 компании влегле во системот, тоа се над 100.000 вработени, истакна Царовска.

Коментирајќи ги обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека овие мерки претставуваат изборен поткуп, Царовска истакна дека главна работа на Владата е да се соочува и да работи на справување со кризата и дека опозицијата секогаш ќе наоѓа забелешки без разлика дали има основа.

– Доколку не понудевме мерки за граѓаните и компаниите прашањата ќе беа насочени зошто не го правиме тоа. А ако ги поддржуваме, опозицијата ќе негодува на тоа, посочува Царовска.

Во врска со терминот за парламентарните избори вицепремиерката посочи дека Владата го почитува ставот на здравствените експерти, кои велат дека сега има поволни услови за спроведување на гласање, бидејќи од септември, со отворањето на границите и враќањето во училиштата, се очекува нов бран на Ковид-19.