Економија 11. јануари 2019. / 11:04

Тевдовски го најави Регистарот на вистински сопственици

Тевдовски го најави Регистарот на вистински сопственици

Министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека од годинава ќе стартува регистарот на вистински сопственици со кој ќе се евидентираат физичките лица, сопственици на правни субјекти кои ги поседуваат или контролираат фирмите.

Оваа новина е дел од новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е донесен во согласност со европската регулатива.

Тевдовски истакна дека оваа и други мерки се во насока на зајакнување на капацитетите на институциите и борбата против корупцијата преку зајакнување на транспарентноста.

-Регистарот на вистински сопственици треба да претставува систем кој има за цел да ги направи транспарентни сложените сопственички структури и правни аранжмани, односно да го разоткрие „скриеното“ сопствеништво. Имено истиот треба да го бележи сопственикот, односно сопствениците на правното лице или оние кои имаат реална или друг вид на контрола врз истото-истакна министерот за финансии – кажа Тевдовски.

Тој посочи дека Министерството за финансии пропишало Правилник за регистрација во Централниот регистар во кој е регулиран начинот на внесување, пријавување на вистински сопственици, изразување на уделот на сопствеништво, технички барања и начинот на одржување и администрирање.