На иницијатива на сопственикот, фабриката ќе се затвори една недела, а ако има потреба и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени, дознава МИА.
Од петте нови случаи на заразени со коронавирус во Штип, четири се текстилни работнички од штипската конфекција. Во фабриката вкупниот број на заболени изнесува шест лица.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, денеска рече дека сопственикот на конфекцијата го информирал оти фабриката се затвора на една недела, а ако се покаже потреба и подолго.
Јас разговарав со сопственикот на конфекцијата, но и со сите инспекциски служби и ме информираа дека таму е извршен инспекциски увид, надзор и контрола и е констатирано дека не се прекршени мерките за носење на заштитна опрема. Но, сопственикот ме информираше дека на негова иницијатива ќе ја затвори компанијата од недела дена, а ако има потреба и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени, вели Бочварски.
Надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип информираа дека денеска се земени девет брисеви од кои седум се поврзани со конфекцијата. Во тек е и епидемиолошка анкета за работничките од други конфекции, кои се превезувале во ист автобус со работничките од оваа штипска конфекција. Првично станува збор за повеќе од десет лица.