Економија 18. април 2018. / 16:29

Таки Фити: Остварливо е да имаме стапка од 3,2% економски раст

Таки Фити: Остварливо е да имаме стапка од 3,2% економски раст

Стапката на раст од 3,2 отсто за годинава што ја предвидува Владата е остварлива, смета академик Таки Фити, и покрај тоа што ММФ и Светска банка ги намалија прогнозите на 2,8 и 2,3 проценти. Според него, инвестициите и личната потрошувачка, по надминувањето на политичката криза, полека почнале да растат, а сега е многу важно како ќе се држи извозот, каде има квалитативни подобрувања, благодарение на странските инвестиции во зоните. Сепак, академикот укажува дека за земјава е клучно во иднина да остварува многу повисоки стапки на раст, објави Телма.

„Значи, оваа стапка е остварлива. Инаку Македонија не оваа година, туку 2019 година и натаму мора да направи се да постои стапки на раст меѓу 4,5 и 5 отсто. Тоа е потенцијалот на македонската економија, ако сакаме да одиме напред… Ако ја слушавте и регионалната директорка на Светска банка, и таа кажа дека ако земјите од Западен Балкан продолжат да одат со оваа стапка на раст која сега ја имаат, од околу 2,8 отсто во просек, на Македонија ќе и требаат 60 години за да се доближиме до стандардот на граѓаните на ЕУ. Значи, основно е да се динамизира растот“, вели академик Таки Фити за Телма.