Економија 23. јули 2019. / 16:45

Сугарески: Динамиката на изградбата на гасоводот во Тетово оди добро

Сугарески: Динамиката на изградбата на гасоводот во Тетово оди добро

Реализацијата на магистралниот гасовод во реонот на Тетовско достигнува 40 отсто и се очекува брзо напредување поради решените предмети поврзани со експропријацијата, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој денес беше во Тетовско, каде изврши увид како се одвива обновата на патот до Попова Шапка.

Изградбата на капитални проекти е врвен приоритет на нашата Влада. Во моментов се работи во сите сфери и во патната инфраструктура и во железничката и во гасоводната. Задоволен сум од динамиката на тоа што се случува со магистралниот гасовод. Динамиката на изградба на гасоводната магистрална мрежа од Скопје до Тетово и Гостивар оди добро. Ланската година беа решени голем број предмети од експропријацијата, што претставуваа сериозен проблем. Овој дел од гасоводот чини 29 милиони евра и реализацијата е околу 40 проценти – рече Сугарески.

Тој истакна дека со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи разговарале и за тоа како оди процедурата за дистрибутивна мрежа во градот.

Очекуваме наредната година институциите да бидат први кои ќе се приклучат на гасоводот. Се разбира ако општината ги направи нивни работи да можат да бидат приклучени прво институциите, а потоа и домаќинствата во Тетово – рече министерот.