Капиталните инвестиции на Министерството за транспорт и врски кај основниот буџет заклучно со август се 63,25 проценти реализирани, тврди ресорниот министер Горан Сугарески. Тој очекува до крајот на годинава реализацијата да надмине 95 проценти.
Како главна пречка за поголема реализација на капиталните инвестиции кои се во делокругот на ова министерство тој ги посочува проблемите во реализација на гасоводот преку Водно. Како што појаснува, овој проект е од сметката заеми, и за него се алоцирани 1,984 милијарди денари, од кои се реализирани само 8,6 проценти.
Од Министерството за транспорт, повторуваат дека согласно сите студии, анализи, како и оценки на експертите, трасата преку Водно е најоптимална за гасоводот и неговата изградба мора да продолжи, а овој стратешки проект мора да продолжи.
– Во изминатиот период имавме дебати, најавени се и нови од страна на Министерството за животна средина на кои многу јасно ги соопштуваме сите аргументи зошто гасификацијата, односно гасоводот на Водно треба да продолжи, што значат финасиските средства, најважно од се што значи заштитата на животната средина и за сите други аргументи кои ги имаме зошто не треба да настане промена на трасата што е зацртана на Водно, рече Сугарески вчера на прес-конференција.
Покрај гасификацијата и железницата, дел од сметката заеми се и проектите за изградба на комунална инфраструктура преку КФВ банка, каде по тендерите, што се очекува да бидат распишани месецов во вредност од седум милиони евра, се очекува реализација на дел од средствата кон крајот на годинава.
Сугарески информира и дека преку Министерството за подобрување на комуналната инфраструктира во наредниот период ќе бидат обезбедени 170 милиони евра од кои 70 милиони за изградба и санација на локалните патишта преку Светска банка. Покрај 13 милиони евра што општините се уште не ги искористиле од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за водоводна и канализациска мрежа, од истата банка за таа намена се преговара за уште 50 милиони евра. Дел од најавениот пакет се и 50-тина милиони евра со пренамена на парите што турски ТАВ требаше да ги инвестира во карго аеродром, а дел од буџетите на јавните претпријатија за водоводни и канализациски системи.
Анализите и посетите на терен, вели министерот, покажале дека локалните патишта, особено во Источниот регион се во лоша состојба. Се проценува дека се оштетени 1.000 километри патишта.