Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, изврши увид во изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, при што истакна дека се очекува до средината на месец октомври автопатот комплетно да биде завршен.
Како што информираат од Министерството, Сугарески потенцирал дека изградбата е во завршна фаза и се очекува во многу брзо време овој, како што рекол, капитален проект да биде ставен во функција.
„Денеска со директорот на ЈПДП, Китанов, ја поминавме целата траса и извршивме увид во изградената делница. Со многу забрзано темпо се работи на последните неколку километри, на завршената траса се работи на поставување знаци, табли и одбележување на коловозот. Грешките што ги наследивме ги коригиравме, сите проблеми ги надминавме и на крај имаме квалитетен автопат што ги задоволува сите меѓународни стандарди“, изјави министерот за транспорт и врски.
Сугарески истакна дека иако крајниот рок беше до крај на овој месец, сепак, ќе има незначително пролонгирање поради временските услови во изминатиот период.
Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, коj исто така присуствуваше на терен, сите проблеми се надминати и градежните работи ќе завршат според предвидениот договор.
„Сакам да појаснам дека ова пролонгирање од временска дистанца не значи ништо. Градежните работи ќе завршат во предвидениот рок, а потоа во најбрз временски рок ќе ги поставиме знаците и таблите”, изјави Китанов.
Атопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип е во должина од 47 километри, а вкупната вредност за изградба е 226 милиони евра.