Економија 24. март 2020. / 09:39

Стечајните постапки во мирување додека трае вонредната состојба

Стечајните постапки во мирување додека трае вонредната состојба

Владата на вчерашната седница донесе Уредба со која стапува во сила Законот за стечај за време на вонредна состојба.

Според Уредбата, сите почнати стечајни постапки – претходна постапка за отворање стечајна постапка и отворање стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

-На стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање стечајна постапка или поведување претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба, наведува Владата.

Претходно и Комората на стечајни управници побара Судкиот совет и претседателите на сите судови надлежни за стечај  да донесат одлука за одлагање на сите рочишта во стечајните постапки во наредните 14 дена.

Со  оглед дека на рочиштата во стечајните постапки присуствуваат поголем број лица, особено кога се одржува Собрание на доверители, бројот на присутни може да достиге од 10 до 20 лица , а од друга страна судниците во граѓанските судови се мали , ходниците се тесни и зголемена е опасноста од пренесување вирусни инфекции. Имајќи го предвид тоа се наметнува потреба од одлагање на судските рочишта во стечајните постапки барем за 14 дена, побараа пред една недела од Комората на стечајните управници.