Економија 25. август 2020. / 11:41

Сојуз на стопански комори: Ако новата влада итно не донесе протоколи ќе следуваат протести

Сојуз на стопански комори: Ако новата влада итно не донесе протоколи ќе следуваат протести

Ако новата Влада итно не донесе протоколи за работа или мерки за економска помош на игротеките, приватните установи за едукација и грижа на деца, објектите за свадби, родендени и крштевки, ќе следуваат протести, предупредија денеска од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Тие алармираат дека повеќе од 1000 субјекти се пред пропаѓање.

Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез, велат од ССКМ.

Претпријатијата од овие дејности бараат итно да се донесат протоколи за почеток со работа или доколку се одлучи принудно да останат затворени, да се донесат мерки за финансиска поддршка со кои ќе ја преживеат кризата.

Овие сектори се принудно затворени, немаат никакви приходи и иако се уште им се генерираат трошоци за плати, наемнини и режиски трошоци за нив веќе со месеци нема никаква финансиска поддршка, потенцираат од ССКМ.