Минималната плата од декември ќе биде зголемена за 2.000 денари и ќе изнесува 14.500 денари што, според Владата, е историски највисок износ досега, но не се исклучува и можноста за евентуално затворање на помалите текстилни компании.
Новото покачување на минималната плата, како што вчера информираа социјалните партнери, е постигнато преку искрен социјален дијалог, а од Владата се оптимисти дека до крајот на мандатот ќе го исполнат и даденото ветување за минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари.
Трудоинтензивните дејности како текстилната и кожарската индустрија предупредуваат дека постои можност за затворање на помалите компании, кои не ќе можат да го издржат притисокот од покачувањето на минималната плата, но се надеваат дека работниците од овие компании ќе можат да се вработат во поголемите текстилни конфекции.
Најголем притисок од порастот на минималната плата ќе имаат трудоинтензивните дејности. Мислам дека пазарот ќе успее да ги прифати вработените од евентуалните затворања на овие помали компании, кои не работат директно со клиенти, туку земаат работа преку втора-трета рака и оти овие вработени ќе се вработат во оние конфекции што ќе обезбедат поголема продуктивност, подобри услови за работа и почитување на работничките права, рече вчера претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.
За Владата, со зголемувањето на минималната плата не се прави притисок врз компаниите, туку им се гарантира платата на најзагрозените категории вработени кои немаат алтернатива во делот на мобилноста поради својата возраст или други причини.
Како опција на располагање на компаниите што не ќе можат да ја исплатат загарантираната минимална плата им стои и Законот за субвенционирање плати, кој е во собраниска процедура и кој се очекува да стапи во сила во ноември.
За покачувањето на минималната плата вчера се изјаснија и синдикатите, според кои, сумата не е занемарлива, но сметаат дека треба да има и сразмерно зголемување на останатите плати во државата.