Меѓу покрупните проекти предвидени со Стратегијата што ја презентираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во делот на патната инфраструктура се довршувањето на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија.
Во делот на железницата, покрај изградбата на пругата од Куманово до бугарска граница, планирани се и изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце и воведување на железничка линија до аеродромот во Скопје.
Идејата за воведување воз од Скопје до скопскиот аеродром, како што велат од Министерството за транспорт и врски, не е нова, но за нејзината реализација се чекало да се зголеми бројот на превезени патници на скопскиот аеродром.
-Исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше авионскиот превоз да привлече до два милиони патника, бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, изјави Билјана Здравева, раководител на секторот железници.
Во моментот не се знае колку ќе чини овој проект, со кој е планирано да се одвои крак кај Миладиновци за аеродомот. Она што првично следува е да се комплетира документацијата.
Министерот Сугарески очекува најголем дел од проектите во патниот сообраќај да бидат завршени до 2020-2021 година, а во делот на железницата планирано е до 2025 година да заврши комплетно изградбата на пругата кон Бугарија.
Проектите од Стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на Владата.