Во Македонија се руши правната сигурност на инвеститорите и се праќа лоша порака до сите компании, како за постоечките, така и за оние кои ја разгледуваат Македонија како потенцијална дестинација за реализирање на својот бизнис. Не само што нема влез на нови, туку се бркааат и постоечките компании. Последен и најголем скандал до сега, е случајот со Казандол, велат економските експерти. Според нив ваквиот несериозен однос со странските компании, ќе предизвика катастрофални последици за угледот на земјава.
“Ова што сега се случи со одземањето на концесијата и со едностраното раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“, е невиден преседан, затоа што се работи за сериозна компанија , која решила да инвестира во земјава како резултат на напорите на државата во изминатиот период за привлекување странски компании. Посебно затоа што се работи за компанија заврши со изградбата на рудникот, а да не зборуваме за бенефитите и придобивките за македонската економија, за извозот , за давачките на компанијата по основ на коцесија, но и за вработувањата. Слушнавме дека во компанијата има 200 вработени, како директни, така и индирекни, а работат и многу домашни компании. Лошо, многу лошо, а на крај кога ќе заврши со пресуда во корист на компанијата, државата односно граѓаните ќе ја плаќаат лошата одлука и целата екскурзија на Владата, а цената ќе биде скапа – најмалку 380 милиони евра. И тогаш се поставува прашањето- дали некој ќе понесе одговорност? – прашуваат експертите.
Експертите се категорични дека со ваквото несериозно однесување и погрешни чекори на Владата веќе се создава чуство на несигурност и вознемиреност кај останатите, но и потенцијалните инвеститори. Во време додека државата се бори со намалување на високата невработеност , без работа и егзистенција ќе останат над 200 семејства кои беа вработени во рудникот. Ќе пропадне и можноста за идни вработувања. Дополнителни 20 милиони евра штета ќе претрпат македонските банки, градежните, индустриските и трговските компании од земјава и странство затоа што нема да можат да ги наплатат паричните средства за испорачаната опрема, извршената работа и извршеното финансирање.
Многу нејаснотии и нелогичности околу причините за раскинување на Договорот
Премиерот Заев на прес конференцијата изјави дека здравјето на граѓаните е пред се, иако досега компанијата постојано беше отворена за граѓаните и јавноста. Со факти и на дело информираше дека Казандол ќе работи со најмодерна опрема од финската компанија Аутотек, која се вбројува во првите светски производители за производство на најсовремена опрема.
Премиерот изјави дека била ангажирана комисија од страна на Владата, која пак утврдила дека концесионерот не ги исполнил обврските од членот 13, според кој, концесионерот се обврзал „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда.
“Овој услов е суштинска состојка на договорот, бидејќи е даден во јавниот повик. Ако не постоел овој услов, можеби ќе се јавеле уште концесионери“ одговори Заев на новинарско прашање.
Но експертите кои ги консултиравме од оваа област велат дека, во повикот за концесија за овој рудник не постои ваков услов. Тој е дополнително одреден во преговорите помеѓу Владата и концесионерот, но не се предвидува казна доколку не се спроведе. Единствено во договорот помеѓу Владата и концесионерот и според Законот за минерални суровини стои дека Казандол треба да биде изграден во рок од 4 години.
Премиерот Заев на прес конференцијата изјави и за некакви посебни услови- односно дополнителни услуги кои не се предивидени со Законот за минерални суровини. Ако се отвори овој закон, ќе се види дека ваков услов или пропис воопшто не постои и затоа е заведен како дополнителни услуги или посебни услови што во превод би значело можеш ама не мораш да го изградиш.
Конесионерот е категоричен дека “Проектот Рударски комплекс Казандол“ е реализиран со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски и е прв современ рударски комплекс изграден на Балканот по 40 години. Воедно во досегашното работење на концесионерот од надлежните државни институции на Република Македонија никогаш не е утврдена ниту една неправилност, ниту е утврдено дека некоја договорна или законска обврска или норма не е исполнета или прекршена и концесионерот како општествено совесен субјект никогаш не е опоменуван ниту пак казнуван..Оттука концесионерот Сардич МЦ тврди дека не постои ниту еден правен основ за еднострано раскинување на Договорот.
Адвокатско друштво Чакмакова адвокати: Не се исполнети ниту законските ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата за Р.М на Договорот за концесија за експолатација на минерална суровина
Реагираше и Адвокатското друштво Чакмакова адвокати кое е правен застапник на Сардич МЦ. Во нивното соопштението се вели:
“Според нашето стручно мислење, а кое произлегува и од Записникот од вонредниот инспекциски надзор од Државниот инспекторат од 15 .03. 2018, извштен по налог на Владата, не се исполнети ниту законските ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата за Р.М на Договорот за концесија за екполатација на минерална суровина.
Се прекршува и Договорот меѓу Македонија и Украина
Со едностраниот раскин се прекршува и одредбата од член 7 од Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Украина за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кое што доведува и до нарушување на билатералните односи на двете држави. Со цел тоа да се спречи Амбасадата на Украина официјално се обрати до Владата на Република Македонија . Во соопштението на амбасадата се вели:
“Раскинување на Договорот ќе има сериозни финансиски последици како за украинската така и за македонската страни. Меѓу Украина и Република Македонија постои Спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестиции. Во согласност со спомената Спогодба:
– Чл.3 т.1 Секоја Договорна Страна ќе ги заштитува на својата територија, инвестициите на инвеститорите од другата Договорна Страна извршени во согласност со нејзините закони и прописи и нема со неоправдани и дискриминаторски мерки да го попречува управувањето, одржувањето, користењето, уживањето, проширувањето, продажбата и, во краен случај, ликвидацијата на таквите инвестиции;
– Чл.7 т.1 Во случај на спор помеѓу едната Договорна Страна и инвеститор на другата Договорна Страна, инвеститорот е должен со детални податоци писмено да ја извести другата Договорна Страна за постоењето на таквиот спор. Таквиот спор помеѓу страните ќе се решава по пат на пријателски преговори.
Ниту Амбасадата на Украина во Република Македонија ниту претставникот на Договорната страна на Спогодбата меѓу Владата на Украина и Владата на Република Македонија за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, ниту Инвеститорот Сардич МЦ не беа писмено известени “ се вели во соопштението на Украинската амбасада во Р. Македонија.
Аргументите се на страна на компанија
Од компанија најавија поведување спор пред Меѓународната арбитража во Вашингтон. Освен огромните суми пари кои граѓаните, односно државата очигледно ќе треба да и ги плати на инвеститорите, затоа што аргументите се на страната на компанијата, штетата за Македонија ќе биде многу поголема – украинските инвеститори , активно инвестираат во подготовка на уште два рудника од близу 400 милиони евра, како и во други бизнис сфери каде што имаат обезбедено и вкупно проектирано сериозни парични средства од приближно една милијарда евра, коишто тие ќе ги повлечат доколку Владата еднострано го раскине на Договорот за концесија за експлоатација.