Синот на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, Лав Георгиевски, ќе влезе во бизнисот со финансии како основач на финансиско друштво за брзи кредити, пишува „Фактор“.
Синот-единец на претседателот на ВМРО-НП е еден од четворицата ко-основачи на финансиското друштво „Премиум Фајнанс“ Доо Скопје, основано на почетокот на јули. Влогот за регистрирање е 100.000 евра, колку што се минимално потребни за да се основа правно лице од ваков тип, односно да му се даде лиценца за работа. Управител е извесен Борис Георгиевски.
Љубчо Георгиевски, кој беше премиер на Република Македонија од 1998 до 2002 и чија партија ВМРО-НП е дел од актуелната владеачка коалиција „Можеме“ и победник на предвремените парламентарни извори, за „Фактор“ ја потврдува веста, но и порача дека рано е уште сега да се зборува нешто повеќе за тоа затоа што друштвото е основано од млади момчиња-ентузијасти и дека допрва, односно за околу две недели треба да почне со работа.
Последно што беше познато до сега за синот на поранешниот премиер е дека имаше обезбедено стипендија на „Њујорк универзитетот“ и неколку години престојуваше во истоимениот град во САД. Неофицијално, тој таму студираше менаџмент, а предходно средно образование заврши во приватната гимназија „Нова“.
Според последноажурираниот список на Министерството за финансии, во Македонија има повеќе од 20 финансиски друштва, а и понатаму не престанува интересот за влез во овој бизнис. Тоа се гледа и од бројот на овие заемодавачи којшто постојано расте, како и од вкупната актива на овој бизнис сектор што се гледа од податоците при Народната банка,
Освен брзите кредити, во нивната дејност влегуваат и издавањето на кредитни картички и факторинг, односно преземање на ненаплатени побарувања. Првите се регистрирани и добиле дозвола за работа во 2011 година. Повеќето се во Скопје, но ги има и од Битола, Охрид, Прилеп, Струмица и Штип. Основачи се претежно меѓународни субјекти, а има и лица чии имиња барем индиректно се поврзани со политиката.