Економија 29. ноември 2020. / 15:58

Шахпаска: Бројот на невработени го кренаа нашинците кои заради пандемијата се вратија дома

Шахпаска: Бројот на невработени го кренаа нашинците кои заради пандемијата се вратија дома

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека причини за големото зголемување на невработеноста од околу 46.000 граѓани кои се пријавиле како невработени во периодот на корона-кризата се должи на тоа што еден дел од младите се пријавиле во Агенцијата за вработување за да ја добијат финансиската поддршка од економскиот пакет на антикризни мерки, но и поради тоа што не можат да заминат на работа во странство.

– Дополнително кога владата ги носеше пакетите за финансиска поддршка, ние имаме прилив на голем број на млади кои аплицираа да добијат, прво финансиска поддршка, а дополнително за да влезат во проектот Гаранција за млади, односно младински додаток. Тоа се мерки кои владата ги презема, а за да може да ги користат тие права, тие дополнително се пријавија повеќе. Уште еден момент кој го зголеми бројот на невработени е тоа што голем дел од нашите граѓани коишто престојуваа во странство, а кои заради пандемијата се вратија во државата и останаа, почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, со една единствена цел да имаат пристап до онаа финансиска поддршка што државата ја даваше во вид на ваучери, а сега директна финансиска помош која изнесува 6000 денари за купување на македонски производи. Реалната бројка на граѓани кои останале без работа заради пандемијата е оваа бројка од 15.800, но Ви кажува по кои основи, вели Шахпаска во денешното интервју за Радио Слободна Европа.