Економија 26. март 2020. / 16:22

Се забранија акционерски собранија: Македонската берза вртоглаво паѓа!

Се забранија акционерски собранија: Македонската берза вртоглаво паѓа!

Падна вредноста на МБИ 10 индексот за над пет проценти денеска на берза. Тргувањето е во тек, но ова е прв ден откако се тргува по нови правила, кои впрочем значат дека се враќаат старите ограничувања за ценовни осцилации. Ако до вчера цените на акциите можеа да одат нагоре или надолу само до пет отсто, од денеска тоа повторно е десет проценти, пишува Фактор.

Но она што ја погодува Македонска берза денеска, многу повеќе од какви било дневни осциалции е најновата Уредба на Владата со која се изменуваат одредби од Законот за трговски друштва. Со неа се предвидува да не се одржуваат годишни собранија на акционерските друштва додека трае вонредната состојба, а нема да може да се одржуваат и собири на содружници. Ова значи дека сите компании кои имаа закажани собранија во следниот период нема да можат да ги одржат, а со тоа секако најмногу се влијае на тргувањето со акциите на овие компании, особено на тие кои најавија поделба на дивиденда. И покрај тоа што ова значајно ја менува сета слика на Македонска берза и интересот за фирмите. Од Македонска берза немаа коментар за новата Уредба. Не биле консултирани за оваа промена и првиот човек на берзата Иван Штериев не сакаше да ја коментира се додека не излезе во Службен весник.

Инаку Уредбата помина на Влада на вчерашаната седница и излегувањето во Службен весник е само прашање на време односно техничко прашање кое секако ќе се реализира. Сепак ден по носењето на Уредбата, односно само една ноќ по неа, Штериев ги врати старите правила за ценовните ограничувања и акциите продолжија да паѓаат, пишува Фактор.

Одборот на директори смета дека долгорочните ограничувања за тргување на берзите од каков било вид нема да ги променат причините што моментално ја предизвикуваат ценовната осцилаторност на пазарите на хартии од вредност глобално, регионално и локално, го прикриваат моменталниот инвеститорски сентимент и можат да го отежнaт пристапот на инвеститорите до нивните средства. Оттука, ваквите ограничувања можат да придонесат за мултиплицирање на сложените пазарни состојби и последици за инвеститорите во хартии од вредност. Ова е и официјалeн став на Европската федерација на берзи (FESE) од минатата недела, стои во образложението од Македонска берза.

Познавачите за Фактор велат дека во време кога се носи ваква уредба, а се враќаат и старите правила тоа може да се рефлектира со силен пад на вредноста на акциите.

Инаку за Уредбата прашања испративме и во Министерството за економија – тие ќе треба да образложат зошто носат вакви правила и по чија сугестија се прави ова. Одговори чекаме и од Комисијата за хартии од вредност, пишува Фактор.