НЛБ Банка води постапка за присилна наплата против Земјоделскиот комбинат Пелагонија, кој дел е во сопственост на Орка Холдинг, односно на Орце Камчев.
Вчера АлсатМ објави дека постапка за присилна наплата се води за млекарата „Здравје Радово”, но од НЛБ, тоа го демантираат и соопштуваат дека станува збор за ЗК Пелагонија.
Од НЛБ велат дека во рамки на наведената постапка од страна на надлежен извршител е издаден налог за заплена на удел, кој должникот ЗК Пелагонија го поседува во Друштвото за производство и трговија млекара „Здравје Радово”.
Во врска со текстот објавен во неколку медиуми, а во кој се споменува Друштвото за производство и трговија млекара „Здравје Радово“ ДОО увоз-извоз Скопје, го даваме следното објаснување:
– НЛБ Банка АД Скопје во моментов не води никаква постапка за присилна наплата против Друштвото за производство и трговија Млекара Здравје Радово ДОО увоз-извоз Скопје.
НЛБ Банка АД Скопје има започнато постапка за присилна наплата против должникот Земјоделски комбинат Пелагонија Акционерско друштво од Битола, а заради наплата на побарувања. Во рамки на наведената постапка од страна на надлежен извршител е издаден налог за заплена на удел, кој должникот Земјоделски комбинат Пелагонија го поседува во Друштвото за производство и трговија Млекара Здравје Радово ДОО увоз-извоз Скопје.
НЛБ Банка дејствува согласно законските прописи и сите наши активности се насочени пред се кон заштита на интересите на нашите депоненти и интересите на Банката воопшто.
Како системска банка во Република Македонија, во рамки на нашите надлежности секогаш настојуваме да обезбедиме стабилност и примарна цел на Банката е нормално функционирање на компаниите. – велат од НЛБ.
Инаку како сопственици во млекарницата се јавуваат две фирми – 99% се во сопственост на Земјоделкиот комбинат Пелагонија, а 1% поседува компанијата Пелагонија Енерџи ДООЕЛ.
Сопственици на ЗК Пелагонија се Орка Холдинг на Орце Камчев, Цветан Панделевски и контроверзната оф шор фирма „Ексико“, двајцата притворени за случајот „Империја“ на СЈО во кој се товарат за злосторничко здружување, оштетување и повластување на доверители, злоупотреба на службена положба, измама и перење пари.