Ребалансот на Буџетот за 2020 обезбедува силна поддршка за справување со здравстените и економските последици предизвикани од пандемијата со коронавирусот затоа сите пратеници треба да покажат одговорност и заедно да ги усвојат измените и дополнувањата на Буџетот, уверуваат од СДСМ.
Со ребалансот се предвидени 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот Ремдесивир, како и за набавка на вакцини и тестови за ковид 19. Тука се вклучени и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот, се додава во партиското соопштение.
Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020, велат, се обезбедува и поддршка за справување со економските последици преку реализација на четвртиот пакет антикризни мерки.
Предвидени се 70 милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември, а 27,6 милиони евра ќе се обезбедат за домашни платежни картички од по 6.000 денари за 283.000 граѓани, појаснуваат од партијата.
Оттаму додаваат оти СДСМ како одговорна партија е посветенa на мерките и политиките што носат поголема грижа за јавното здравје, за секој граѓанин, за секоја компанија погодени од кризата.